Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат значително построги правила за користење на електричните тротинети и другите лесни електрични возила.
Со новите законски решенија, досегашниот поим „електричен тротинет“ се заменува со терминот „лесно електрично возило“, кој опфаќа возила со најмалку две тркала, електричен погон, мотор со моќност до 0,6 киловати, максимална конструкциска брзина од 25 километри на час и тежина до 35 килограми без товар.
Една од најзначајните измени е намалувањето на максимално дозволената брзина при движење од 25 на 20 километри на час.
Законодавецот ваквото ограничување го образложува со потребата од подобрување на безбедноста во сообраќајот и усогласување со европските препораки.
Покрај тоа, се зголемува и старосната граница за управување со овие возила. Наместо досегашните 14 години, право да управуваат со лесни електрични возила ќе имаат само лица кои наполниле 18 години.
Измените предвидуваат целосна забрана за превезување сопатник на ваков вид возило.
За прекршување на ова правило ќе се изрекува глоба од 100 евра, двојно повеќе од досегашната, а освен возачот ќе биде санкционирано и лицето кое се превезува.
Воедно, како дополнителна мерка е предвидено и привремено одземање на возилото во траење од 30 дена.
Построги санкции ќе важат и за управување под дејство на алкохол.
Во зависност од утврдената концентрација на алкохол во крвта, глобите ќе изнесуваат од 225 до 275 евра, а и во овие случаи возилото ќе биде одземено на период од 30 дена.
Доколку прекршок направи малолетно лице, паричната казна ќе ја сноси родителот или старателот, а мерката за привремено одземање на возилото ќе се применува и во овие ситуации.
Новите правила воведуваат и дополнителни обврски за возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди и лесни електрични возила.
При преминување преку коловоз или пешачки премин, таму каде што нема посебна велосипедска лента или патека, тие ќе мора да го симнат возилото и да го туркаат.
Законот дополнително забранува управување на начин што може да ја наруши стабилноста на возилото или да ја загрози безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Под ова се подразбира возење без држење на управувачот, движење на едно тркало, придржување за друго возило, како и влечење, туркање или превезување предмети. За ваквите прекршоци е предвидена парична казна од 100 евра.
Со измените се овозможува и користење на дополнителни технички средства за евидентирање на сообраќајните прекршоци, покрај радарските системи што веќе се употребуваат.
Според предлагачите, целта на новите законски решенија е да се воспостават појасни правила за користење на лесните електрични возила, да се намали бројот на прекршоците и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено во градските средини каде нивната употреба е сè почеста.
Никола Ивановски

