Во Општина Куманово во моментов се реализираат повеќе од 27 крупни капитални инфраструктурни проекти, а дел од нив ќе бидат завршени до крајот на годината, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој истакна дека станува збор за сложени зафати кои опфаќаат реконструкција на водоводната и канализациската мрежа, како и други значајни инфраструктурни инвестиции.
– Се работат многу проекти, особено на локално ниво. Локалните самоуправи работат како никогаш досега. Тргнувајќи од Општина Куманово, над 27 проекти се реализираат во моментов или ќе бидат реализирани до крајот на годината. Зборувам за крупни капитални инфраструктурни проекти, рече Димитриевски.
Како пример ги посочи работите на улицата „11 Октомври“, каде се заменува главната доводна водоводна мрежа.
– Менуваме главна мрежа за дотур на вода преку којашто 70 проценти од градот и домаќинствата се снабдуваат со вода, а која е постара од 70 години. Никој досега немал храброст да навлезе во еден таков проект, истакна тој.
Додаде дека следен голем зафат ќе биде реконструкцијата на една од најстарите фекални канализации во градот.
– Ќе следи менување на една од најстарите фекални канализации во градот. Не случајно ги нарекуваат Нагорички сокак и Проевски сокак – тоа се двете најстари улици во градот, рече Димитриевски.
Според него, значајни градежни активности се изведуваат и на улицата „Моша Пијаде“.
– По 70 години инфраструктурно се интервенира на улица „Моша Пијаде“, каде што се прават ископи по цела должина и се менува комплетната подземна инфраструктура. Тоа се многу комплицирани и многу сложени проекти во центарот на градот, нагласи градоначалникот.
Тој им се извини на граѓаните за привремените сообраќајни отежнувања, оценувајќи дека тие се неизбежни при реализацијата на вакви проекти.
– Јас во оваа прилика се извинувам на граѓаните, но нема друг начин како да се реализираат тие проекти доколку нешто не биде раскопано. Доколку било едноставно, тој проблем ќе бил решен досега, изјави Димитриевски.
Тој оцени дека реализацијата на проектите е овозможена и благодарение на финансиската поддршка од Владата.
– Да не беше владината поддршка на локалните самоуправи, немаше да имаме вакви проекти. Затоа сум задоволен, особено во делот на финансиската помош на локалните самоуправи, каде што во моментов над 300 милиони евра се инвестирани како директна владина финансиска поддршка, рече Димитриевски.
Никола Ивановски

