Потрагата по црната мечка, која е видена во јапонскиот град Утсуномија неколку пати во текот на изминатите неколку дена, продолжи и денес, додека сите основни и средни училишта беа затворени втор ден по ред.
Мечката последен пат е видена рано утрово, на околу 700 метри од универзитетскиот кампус, според соопштението од општината на градот Утсуномија, а општински службеник изјави дека потрагата по возрасната азиска црна мечка, тешка околу 100 килограми, ја продолжува група составена од претставници на општинските и префектурните власти, пожарникари и членови на ловното здружение, пренесува Ројтерс.
Според службениците, во зависност од тоа каде е пронајдена мечката, властите ќе одлучат дали да ја зашеметат, да ја застрелаат или да ја фатат и да ја преместат во нејзиното природно живеалиште.
Експертите велат дека климатските промени ги намалиле приносите од природна храна со која се хранат мечките, како што се желади и бука, додека намалувањето на бројот на луѓе во руралните средини и ширењето на запуштеното земјоделско земјиште придонеле за фактот дека мечките сè повеќе се приближуваат кон човечките населби во потрага по храна.
Според јапонското Министерство за заштита на животната средина, бројот на напади од мечки во Јапонија се зголемува дури и во урбаните средини.
Во 2025 година е регистриран рекорден број од 238 жртви, вклучувајќи 13 смртни случаи.
Азиските црни мечки се сметаат за ранлив вид, но се проценува дека нивниот број се зголемил трипати во Јапонија од 2012 година, делумно поради намалениот интензитет на лов.

