Куманово утре со низа активности ќе им оддаде почит на осумтемина полициски службеници кои ги загубија животите во вооружените настани во Диво Насеље во мај 2015 година, во одбрана на безбедноста на граѓаните и државата.
Во организација на Синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија (СПМ) при СВР Куманово, денот на сеќавање ќе започне во 10 часот со панихида во Соборниот храм „Свети Никола“, каде ќе биде оддадена почит за загинатите припадници на полицијата.
Потоа, во 11 часот, ќе следува полагање свежо цвеќе пред спомен – обележјето во кругот на СВР Куманово, во чест на Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои ги положија своите животи во акцијата во „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 година.

Комеморативните активности ќе продолжат со меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, кој ќе започне во 12:30 часот во спортската сала на СОУ „Перо Наков“.
Настанот, како што информираат од СПМ, се организира во координација со СВР Куманово, Единицата за брзо распоредување (ЕБР), Посебната единица за поддршка (ПЕП), институции, здруженија и поранешни припадници на безбедносните сили, со цел да се зачува споменот на загинатите херои.
На турнирот ќе учествуваат екипи од ЕБР, САЕ Тигар, ПЕП, СВР Куманово, Синдикалната организација на СПМ при СВР Куманово, граѓанското здружение „СИЛА“, како и претставници од збратимениот Синдикат на српската полиција од Регионалниот центар Врање.

Во рамки на настанот ќе биде спроведена и хуманитарна акција за поддршка на полицискиот службеник Виктор Колевски, вработен во СВР Куманово, кој од јануари се лекува и се бори за своето здравје, при што на влезот во спортската сала ќе биде поставена кутија за донации.
Од организаторите упатуваат повик за присуство и заедничко оддавање почит, нагласувајќи дека споменот за загинатите бранители останува трајна обврска и симбол на единство, чест и професионална пожртвуваност.
Активностите продолжуваат и во недела, кога во организација на Патриотско друштво ќе се одржи 11. Меморијален велосипедски круг. Од 7 часот група граѓани со велосипеди ќе тргне од Куманово до Гостивар.
Никола Ивановски

