Основното јавно обвинителство Куманово ќе ја прошири истрагата против 25-годишниот Трајко Бојковски од селото Малотино.
Досега се утврдени докази дека осомничениот извршил две убиства.
Во селото Челопек во период од 27 јануари до 12 февруари, со умисла и на свиреп и подмолен начин убил 78-годишна жена.
На денешниот брифинг кој ОЈО го одржа во Скопје, како што јавува СДК, беше истакнато дека е утврдено и дека тој ја убил 35-годишната Марија Маринковска.
– Меѓу 16 и 17 јануари, тој влегол во домот на жртвата и со удари по главата ја усмртил 35-годишната жена. Форензичките траги потврдија дека убиството е извршено од истото лице“, изјави денеска на брифинг обвинителот Љубомир Лапе.
Во меѓувреме Обвинителството издало наредба за ексхумација на уште едно тело, на постара жена, која наликувала на профилот на жртвата.
Засега нема точна бројка колку жртви би можело да има.
Обвинителот апелираше за смиреност од мештаните на селата во Старо Нагоричане.
– Нема потреба да се создава паника кај населението, особено кај повозрасните граѓани. Опасност од овој обвинет повеќе нема, бидејќи тој е во притвор“, апелираше обвинителот Лапе.
Истрагата, како што истакна Теута Рамадани, обвинителка од Куманово, започнала по пријава на една од жртвите која успеала да се спаси.
Бојковски засега е единствениот осомничен и се уште се чека негово психијатриско вештачење. Тој е во кумановскиот затвор, изолиран од останатите затвореници.
Мотивото за убиствата допрва ќе се утврдува, а истрагата продолжува во насоката дали осомничениот 25-годишник бил сериски убиец.
Ќе се проверува и дали имало вмешаност на други лица и ќе се испитува евентуална одговорност на полициски службеници и лекари.
Никола Ивановски

