Русија синоќа лансираше 458 дронови и ракети кон Украина, објавија денес украинските воздухопловни сили, додека соседна Полска објави дека соборила „непријателски објекти“ во нејзиниот воздушен простор.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија користела 415 дронови и 43 ракети во напади во кои загинало најмалку едно лице, според цивилните власти.
Најмалку осум руски дронови „ја преминале украинската граница и влегле во Полска“, додаде украинската војска.
Полската војска одговори на упадот на руски дронови за време на големиот ноќен напад врз Украина и собори неколку дронови што го нарушиле нејзиниот воздушен простор, а полицијата соопшти дека се пронајдени остатоци од еден дрон.
Оперативната команда на полската армија ги повика граѓаните на загрозените источни војводства да останат во затворен простор, ги затвори аеродромите во Варшава, крена борбени авиони и лансираше воздушна одбрана за соборување на руски дронови.
„За време на ноќниот невиден напад врз Украина, беше нарушен воздушниот простор на Полска. Тоа е чин на агресија што предизвика реална опасност за нашите граѓани“, соопшти Оперативната команда на Армијата.
Полскиот премиер Доналд Туск свика вонредна седница на кабинетот и е во контакт со претседателот на земјата, Карол Навроцки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека инвазијата на руски беспилотни летала во Полска е „исклучително опасен преседан за Европа“.