Камион за изнесување на комунален отпад на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ – Куманово утринава се запалил при обид да изнесе смет.
Како што информира директорот Ненад Стојановски, пожарот избувнал откако подигнале комунален отпад од кај еден правен субјект.
– Навремената реакција на управувачот на камионот и експресната реакција на ТППЕ Куманово, кои секогаш на највисоко можно ниво реагираат спречија комплетно палење на нашето возило. Според индициите кои покажуваат дека пожарот е настанат заради типот на несоодветен отпад , екипите на МВР и Крим техника го испитуваат случајот и изготвуваат записник и се надеваме на откривање на виновникот, вели директорот Стојановски.
Фрлање на несоодветен тип на отпад, вели тој, е ризик за вработените, граѓаните и целото општество и треба најстрого да се санкционира.
– Апелираме до сите физички и правни лица да се однесуваат совесно и да ги почитуваат законите во дел на одлагање на отпадот за да не се доведуваме до вакви непожелни состојби, посочува Стојановски.
Никола Ивановски