Велика Британија ѝ нуди на Европската Унија ново стратешко партнерство насочено кон зајакнување на трговијата и претставување на обединет европски фронт, додека американскиот претседател Доналд Трамп се заканува дека ќе стави крај на децениската трансатлантска соработка, според пишувањето на Танјуг за британските медиуми.
Нацрт-декларацијата, која ја подготвуваат Лондон и Брисел пред самитот Велика Британија-ЕУ на 19 мај, укажува на меѓусебно разбирање на низа заеднички интереси, објавува „Гардијан“.
Амбасадорите на Европската Унија ќе се состанат во среда во Брисел на брифинг со службениците кои во последните неколку месеци работеа на области каде што би можел да се постигне договор во текот на следната година.
Пакт за одбрана и безбедност, кој би овозможил поблиска соработка околу Украина, е на врвот на листата на приоритети заедно со миграцијата, жешка тема од двете страни на Ламанш.
Основа на политичката декларација
Нацрт-комуникето е замислено да биде основа на политичка декларација и рамка за дискусии за низа прашања.
„Ги потврдивме нашите заеднички принципи за одржување на глобалната економска стабилност и нашата заедничка посветеност на слободна и отворена трговија“, се наведува во соопштението, додавајќи дека двете страни ќе продолжат да работат на тоа како да го ублажат влијанието на флуктуациите во глобалниот економски поредок.
Сепак, самитот доаѓа во време кога Велика Британија продолжува да преговара за царини со САД со надеж дека ќе постигне посебен договор.
Лондон се соочува со американски увозни царини од 10 проценти, а Европската Унија со 20 проценти.