На самитот во Вашингтон, лидерите на НАТО усвоија заедничка декларација во која, меѓу другото, се наведува дека НАТО останува силно посветен на безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан, кој е „од стратешко значење за Алијансата“.
„Ќе продолжиме да го подобруваме политичкиот дијалог и практичната соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на малигните влијанија, вклучувајќи дезинформации, хибридни и сајбер закани, претставени од државни и недржавни актери“, се наведува во текстот усвоен синоќа.
Се додава дека демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантските интеграции и дека се очекува континуиран напредок на овој план.
Во декларацијата, исто така, се наведува дека НАТО останува посветен на континуиран ангажман на Западен Балкан, вклучително и преку Косовските сили (КФОР) што ги предводи.
На самитот во Вашингтон, лидерите на земјите-членки ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина на „неповратниот пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“ и најавија помош за таа земја од 40 милијарди евра во текот на следната година, и ја повика Кина да престане да ја поддржува Русија во војната против Украина.