САД: Сè уште чекаме одговор на Хамас на предлогот за прекин на огнот

Сподели со своите пријатели

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека САД сè уште чекаат одговор од милитантната група Хамас на израелскиот предлог за прекин на огнот, претставен од американскиот претседател Џозеф Бајден во петокот.

Loading...

„Очекуваме одговор од Хамас“ преку катарските посредници, рече Саливан и најави дека директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс ќе разговара во Катар со посредниците за предлогот за прекин на огнот, пренесува Ројтерс.

Катар е посредник во разговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, а во вторникот му достави предлог на Хамас кој ги вклучува трите фази презентирани од Бајден.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Израел бара Хутите да бидат прогласени за терористи

Портпаролот на Хамас во вторникот истакна дека групата не може да се согласи на каков било договор доколку Израел не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати повтори дека нема да има траен мир додека Хамас не биде уништен.

Планот претставен од Бајден во петокот беше поддржан од Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Канада и Италија, додека Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Египет и Обединетите Арапски Емирати ги повикаа Израел и Хамас да го разгледаат планот „сериозно и позитивно“.