Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека Германија треба да ѝ испрати на Украина секакви видови оружје потребни за одбрана од руската инвазија, вклучително и тенкови.
Моравјецки ја повика германската влада да преземе решителна акција во говорот на церемонијата во германскиот парламент по повод половина век од политичката кариера на поранешниот конзервативен министер за финансии Волфганг Шојбле.
– Тенковите не смеат да се чуваат во магацини, туку мора да бидат испратени во Украина, рече Моравјецки, на што доби аплауз од собраните, главно конзервативни, пратеници, пренесе Ројтерс.
Германската министерка за одбрана Кристина Ламбрехт денеска соопшти дека побарала од канцеларот Олаф Шолц да ја ослободи од должноста.
Ламбрехт е член на Социјалдемократската партија (СПД) на Шолц. Нејзината одлука да се повлече доаѓа откако Германија е под притисок да одобри зголемување на воената помош за Украина, а одбранбените способности на Германија се доведени во прашање откако неколку тенкови Пума беа ставени надвор од акција за време на неодамнешната воена вежба, објави Ројтерс.
По САД, Германија испрати најголема воена помош за Украина. На почетокот на овој месец, Германија објави дека ќе испрати борбени возила на пешадија Мардер во Украина, а Киев побара и испорака на потешки тенкови, како што е Леопард.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.