Зубовце – село во кое Османлиите имале свои кули

Сподели со своите пријатели

Зубовце е село кое се наоѓа на 14 километри од Куманово, кое некогаш броело и над 400 жители, а според последниот попис само скромни 13.

Loading...

Ова село во минатото било дел од поранешната Општина Клечовце. Станува збор за ридско село на надморска височина од 320 метри.

На површина од осум километри квадратни, селото има земјоделско земјиште од 477 хектари, 225 хектари пасиша и само 10 хектари шума.

Историјата на Зубовце

Зубовце влегува во старите села во Кумановско. Во помен од 1377 година, Јевдокија Дејановиќ со синовите го приложила селото Зубовце на манастирот „Св. Пантелејмон“ на Света Гора.

Пред крајот на отоманскиот период, најголем дел од земјиштето во селото припаѓало на Турци, кои се викале Асан, Авмет-ќаја, Бари-бег, Решад-бег, Назив-бег, Верат, Садик и Невзат. Некои од нив живееле во селото преку целата година, како Асан и Авмет-ќаја. Во селото постоеле и мали турски гробишта.

Најголем дел од земјиштето во отоманскиот период припаѓало на Турците, а од нив браќата Решад-бег и Назив-бег држеле една половина. Тие поседувале и свои кули во селото. Од 1903 до 1912 година, турската земја постепено била продавана на селаните од Зубовце.

Селото се празни

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Зубовце живееле 266 жители, сите Македонци.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Зубовце имало 208 Македонци.

Loading...

Врвот на животот ова село го имало во раните шеесети години на минатито век, кога таму живееле 445 жители.

Денес според пописот од 2021 година, Зубовце има само 13 жители, од кои шест мажи и седум жени.

Селото има околу 20 куќи, но живот има во само пет од нив.

Селото има само три деца

Зубовце во 2021 година имало три деца од кои момче на возраст меѓу пет и девет години, како и две девојчиња на возраст од 15 до 19 години.

Од категоријата млади жители селото имало и една девојка во доцни дваесети години, како и две лица во раните четириесети.