Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Лавов се сретна со претседателот на Полска Анджеј Дуда и првиот човек на Литванија Гитанас Наусиеда.
Како што е наведено, лидерите на земјите разговарале за испорака на оружје во Украина и конкретни можности за ограничување на потенцијалот на руската агресија.
– Украина ви е многу благодарна, пријатели. Драго ми е што носиме такви одлуки, токму во овој формат, во Лублинскиот триаголник. Очигледно е, тоа во реални случаи докажува колку е важна соработката на нашите земји не само за источниот блок на Европа туку и за целата евроатлантска коалиција на држави – рече Зеленски.
По повод средбата зборуваше и полскиот претседател Анджеј Дуда, кој рече дека Полска ќе продолжи да ја поддржува Украина се додека е потребно.
– Добро знаеме што е руска окупација бидејќи долги години немавме своја државност поради Русија. Ќе продолжиме да испорачуваме оружје на Украина – изјави Дуда.
Но, ниту оваа средба не можеше да помине без коментари од руските функционери, а очекувано прв реагираше Дмитриј Медведев, кој на свој единствен начин ја коментираше средбата на сојузниците во Лавов.
– Во Лавов се собраа тројца несреќници од Варшава, Вилнус и Киев, кои страдаат од царски амбиции и фантомски болки предизвикани од истрошената историја.
Бараат тенкови како „Леопард“, модернизирани Т-72 и некои англиски „старки“. Сето ова железо и онака наскоро ќе стане рѓосан отпад и нема да ја спаси вештачката земја од распаѓање – рече Медведев.