Украина планира да ги задржи териториите што ги контролира во регионот Курск додека не го принуди рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Не ни треба руска територија. Целта на нашата операција е да го вратиме нашиот територијален интегритет – рече Зеленски во интервју за NBC News.
Запрашан дали Украина планира да ја држи руската територија долго време, тој рече: „од концептуална гледна точка, ние ќе ја задржиме“.
Зеленски објасни дека Украина ќе ја „контролира“ оваа територија, бидејќи, како што наведе, тоа е составен дел од неговиот „план за победа“ во војната.
Тој додаде дека овој предлог ќе им го претстави на меѓународните партнери, особено на Соединетите Американски Држави.
Зборувајќи за територијата што моментално ја држи Украина како дел од Русија, Зеленски рече:
„Засега ни треба“.
Тој додаде дека нема да коментира дали Украина планира да се обиде да преземе контрола врз уште повеќе руски територии.
– Не можам да зборувам за тоа. Ова е како почеток на нашата операција Курск. Со сета почит, не можам да зборувам за тоа, мислам дека успехот е многу блиску до неочекуваното – изјави украинскиот претседател.
Според него, Украина сега заробила стотици руски војници, кои планира да ги размени за украински воени заробеници.
Зеленски рече дека не ги информирал САД за плановите за Курск, а подготовките за операцијата исто така се чуваат во тајност во Украина.
– Да, никого не известивме. И тоа не е недостиг на доверба – рече Зеленски, истакнувајќи дека контраофанзивата на Киев не успеа минатото лето главно затоа што, како што наведе, „имаше многу реклами и разговори, што им даде време на Русите да се подготват“.