Во Куманово се одржа превентивно-едукативниот настан „Детски Семафор 2026“, посветен на безбедноста на најмладите велосипедисти во сообраќајот.
Настанот го организираа Отсекот за превенција при СВР Куманово и Општинскиот совет за превенција, а на посебно поставен полигон децата имаа можност практично да се запознаат со правилата за безбедно учество во сообраќајот со велосипед.

На полигонот беа поставени различни препреки, семафори, патеки и дел за кружно возење, преку кои најмладите учесници учеа како правилно да се однесуваат и да ги почитуваат сообраќајните правила додека возат велосипед.
Голем придонес во реализацијата на активноста даде и Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата, чии припадници ги насочуваа децата низ патеката и им објаснуваа како да реагираат на сообраќајните знаци и ситуации со кои можат да се сретнат во секојдневното движење.

Настанот привлече голем број млади велосипедисти, родители и граѓани, со што уште еднаш беше испратена порака за важноста од навремена едукација на најмладите за безбедноста во сообраќајот.

Началничката на Отсекот за превенција, м-р Лиле Младеновска, истакна дека безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот останува еден од приоритетите.
„Приоритет ни е безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот. И во иднина ќе организираме вакви едукативно-спортски настани, со цел децата навреме да учат и да стекнуваат навики за почитување на правилата во сообраќајот“, порача Младеновска.










Никола Ивановски

