Судскиот процес против поранешниот француски претседател Никола Саркози во аферата против корупцијата и трговија со влијанија заврши вчера во Париз, а одлуката на судот е закажана за 1 март 2021 година.
– Сè уште имам доверба во правдата на нашата земја, рече Саркози, чие судење почна на 23 ноември.
Судењето заврши со изнесување на ставот на одбраната, додека обвинителството за Саркози побара четири години затвор, од кои две условно.
Обвинителот Жан-Лук Блашо побара исти казни за уште двајца обвинети во истото судење, поранешниот судија Жилбер Азибер и поранешниот адвокат на Саркози, Тиери Ерзог.
Блашо за Ерзог побара и да му биде забрането пет години да ја извршува својата професија.
Судијата со остар тон рече дека аферата има разорни последици што влијаат на вредностите на Републиката затоа што ги загрозила правосудната институција, адвокатската професија и имиџот на претседателот.
Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, чека уште едно судење во пролет 2021 година. Нему, заедно со уште 13 лица, ќе им се суди под обвинение за незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година.
Пред Саркози, чие судење се смета за преседан во Франција, друг поранешен претседател се соочи со судење по напуштањето на функцијата. На Жак Ширак му се судеше за проневера, но не за време на неговиот претседателски мандат, туку додека беше градоначалник на Париз.
Јасмина Тасевска