Вооружени напаѓачи убија најмалку 13 земјоделци во напад во северниот дел на централна Нигерија, изјави денеска локален официјален претставник.
Ниту една група или организација се уште не ја презеде одговорноста за убиствата.
Локалните власти за ова злосторство се сомневаат во сточари и киднапери и како можен мотив го споменуваат – давање информации на безбедносните агенции за движењето на вооружените групи.
Северна централна Нигерија е погодена од борби за контрола на водата и земјиштето меѓу номадските сточари и руралните фармери.
Годинава стотици луѓе загинаа во нивните пресметки, кои често имаат религиозна димензија, бидејќи сточарите се претежно муслимани, а земјоделците се христијани.
Областа е позната и по честите киднапирања на луѓе.