Воената влада во Мјанмар ќе ослободи над 7.000 затвореници

Сподели со своите пријатели

Воените власти во Мјанмар ќе ослободат повеќе од 7.000 затвореници по повод 75-годишнината од независноста од Велика Британија, соопшти денеска воениот портпарол.

Loading...

„Вкупно 7.012 затвореници ќе бидат помилувани по повод 75-годишнината од независноста“, изјави Зав Мин Тун за АФП.

Портпаролот не прецизираше дали амнестијата ќе опфати и лица кои се затворени како дел од  репресијата врз неистомислениците.

Војската парадираше по улиците на главниот град Најпјидав денеска по повод 75-годишнината од независноста на поранешната британска колонија, неколку дена откако сменетиот лидер Аунг Сан Су Чи беше осудена на вкупно 33 години затвор.

Во зори низ улиците на главниот град поминаа тенкови, ракетни фрлачи и други оклопни возила, на почетокот на воената парада.

Вработените во јавниот сектор и средношколците продефилираа зад армијата, придружувани од воена музика, додека 750 гулаби летамаа по овој повод, објавија државните медиуми.

Во говорот пред војниците, водачот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг обвини некои земји, без да ги именува, за „мешање во внатрешните работи на Мјанмар“ по воениот удар во февруари 2021 година.

Тој рече и дека воените власти ќе се сретнат со политичките партии за да разговараат за организацијата на изборите, кои ќе се засноваат на пропорционален принцип.

Loading...

Воената хунта во Мјанмар, која неодамна стави крај на серијата судски процеси зад затворени врати на поранешната лидерка Аунг Сан Су Чи, се подготвува за нови избори подоцна оваа година.

Рускиот претседател Владимир Путин, близок сојузник и снабдувач со оружје на воената хунта во Мјанмар, испрати искрени поздрави и го предвиде идниот развој на нивните односи.

Мјанмарската хунта, изолирана од остатокот од светот, претходно оцени дека руската инвазија на Украина е „оправдана“.

Американската амбасада, пак, предупреди дека денеска се можни напади, престрелки и експлозии.

Дописниците на Франс прес забележаа дека безбедноста е зголемена во трговскиот центар Јангон во земјата, кој беше погоден од серија бомбашки напади во последните месеци.

Претходните години националниот празник на Мјанмар се славеше со бројни собири на плоштади, паркови и други јавни места.

Од воениот удар во 2021 година, голем дел од земјата е зафатена со конфликти меѓу воената хунта и бунтовничките локални милиции.

Војската го оправда бунтот во 2021 година со тоа што открила милиони неправилни гласачки ливчиња на претходно одржаните избори за кои меѓународните набљудувачи оценија дека се слободни.

Loading...

Поранешната британска колонија прогласи независност на 4 јануари 1948 година, по долга борба предводена од генералот Аунг Сан, таткото на сменетиот мјанмарски лидер Аунг Сан Су Чи.