Турција: Уапсен осомничен за поставување бомба во Истанбул

Сподели со своите пријатели

Турската полиција уапси маж осомничен дека поставил бомба што експлодирала на прометна пешачка улица во Истанбул, соопшти утринава турскиот министер за внатрешни работи.

Loading...

Тој изјави дека првите наоди од истрагата укажуваат дека за смртоносниот напад се одговорни курдските екстремисти.

Во вчерашната експлозија на авенијата Истиклал, популарна туристичка дестинација со продавници и ресторани во близина на познатиот плоштад Таксим во Истанбул, загинаа шест лица, а повеќе од десетина беа ранети, јавува АП.

„Набргу по детонацијата, полицијата уапси едно лице за кое се верува дека ја поставило експлозивната направа“, потврди министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, јавува Anadolu Agency.

Иако не го откри идентитетот на осомничениот, Сојлу рече дека во врска со експлозијата се приведени уште 21 лице и потврди дека првите наоди од истрагата упатуваат на Курдистанската работничка партија (ПКК) и нејзиниот огранок во Сирија ПИД.