Турското Министерство за одбрана потврди дека било пукано врз авион кој слетал на аеродромот Вади Сеидна во Судан, но дека нема повредени, пишува Гардијан.
Министерството во објава на Твитер објави дека било пукано врз авионот за евакуација Ц-130, кој одел во Вади Сеидна во мисија да ги евакуира граѓаните заглавени во Судан, каде што продолжија конфликтите.
„Нашиот авион слета безбедно. Иако нема повредени меѓу нашиот персонал, во нашите авиони се вршат потребните проверки“, се наведува.
Според „Гардијан“, суданската армија претходно тврдеше дека во авионот пукале силите за брза поддршка (РСФ), а еден член на екипажот е повреден и авионот е оштетен.
Сепак, РСФ го негираат тоа, наведувајќи дека се „цврсто посветени на хуманитарното примирје“.
Во меѓувреме, Обединетите нации се огласија и ги повикаа двете страни во конфликтот да престанат да „таргетираат цивилното население и инфраструктурата“.
Портпаролката на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Равина Шамдасани, во изјавата ги повика двете страни „веднаш да ги прекинат непријателствата“ и „да престанат воените дејствија во станбените области и таргетирањето на цивилите и инфраструктурата“.
„Загрижени сме поради сериозниот ризик од ескалација на насилството во Западен Дарфур бидејќи непријателствата меѓу РСФ и САФ предизвикаа меѓузаедничко насилство. Смртоносни етнички судири се пријавени во Ел Генеина, западен Дарфур, при што се проценува дека од 24 април загинале околу 96 лица. Длабоко е алармантно што затворениците се ослободени или избегани од бројни затвори. Ние сме многу загрижени за можноста за натамошно насилство, во услови на општата атмосфера на неказнивост“, се вели во соопштението.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Судан можете да ги прочитате ТУКА.