Судирите меѓу ерменските сили во Нагорно Карабах и азербејџанската армија во последните неколку недели доведоа до зголемување на бројот на новозаразени со коронавирус, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
– Ковид-19 не ги почитува границите ниту линиите на фронтот, но ја користи секоја попустливост, секоја криза што го свртува нашето внимание од глобалните напори да го запреме неговото смртоносно движење, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на брифинг со новинарите во Женева.
Тој додаде дека „мобилизацијата на армијата, раселувањето на населението, сето тоа му помага на вирусот“.
Последицата е „експлозија“ на коронавирусот во Ерменија и Азербејџан, каде СЗО се мобилизира за да одговори на растечките здравствени потреби.
– Во Ерменија бројот на нови случаи се зголеми двојно за две недели, додека во Азербејџан минатата недела се зголеми за 80 проценти, изјави портпаролот на СЗО.
Директорот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) за Евроазија, Мартин Шип рече дека стотици илјади луѓе во регионот биле погодени од конфликтот.
– Предвидуваме дека најмалку десетици илјади луѓе ќе имаат потреба од поддршка во наредните месеци, рече тој, додавајќи дека организацијата, која е во регионот од 1992 година, исто така, ќе ги зголеми своите активности, иако МКЦК нема пристап до сите посакувани области поради небезбедност.
Шип рече дека МКЦК е исто така подготвен да работи како медијатор за размена на притворени лица или репатријација на посмртните останки на жртвите.
Ерменските сили од Нагорно Карабах и азербејџанската армија продолжија со борбите и денеска, кршејќи го хуманитарното примирје четврти ден по ред.
Азербејџан бара да се врати под негова контрола Нагорно Карабах, чие отцепување во 1991 година не беше признато од меѓународната заедница.
Пандорка Арсовска-Гацова