Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Украина постигнува голем напредок во својата контраофанзива, но дека западните сојузници не треба да ја потценуваат Русија.
– Благодарение на херојскиот отпор на украинскиот народ и невидената поддршка на сојузниците во НАТО, Украина постигна значителни придобивки – рече Столтенберг во обраќањето на Берлинската безбедносна конференција.
Да се одржи поддршката
Сепак, додаде тој, сојузниците во НАТО не треба да ја потценуваат Русија.
– Руските ракети и дронови продолжуваат да паѓаат врз украинските градови, цивили и критична инфраструктура, предизвикувајќи огромно човечко страдање со почетокот на зимата – додаде Столтенберг.
Столтенберг подвлече дека сојузниците на НАТО ќе продолжат да обезбедуваат воена поддршка за Украина, снабдувајќи со напредно оружје и системи за противвоздушна одбрана.
– Ја поздравувам силната поддршка на Германија за Украина, со значителна финансиска, хуманитарна и воена помош. Ја гледаме разликата што ја прави ова секој ден на бојното поле. И важно е дополнително да ја зајакнеме и одржиме нашата поддршка – нагласи тој.
Тој ја поздрави одлуката на Германија
Столтенберг ја поздрави и одлуката на Германија значително да ги зголеми трошоците за одбраната со инвестирање во нови борбени авиони, хеликоптери, бродови и подморници.
Тој рече дека вооружените сили на Германија, Бундесверот, играат клучна улога во плановите на НАТО за одвраќање и одбрана.
– Потребен ни е силен и подготвен Бундесвер со одлични можности во сите домени. Потребна ни е силна и робусна одбранбена индустрија која може да ги исполни барањата, врз основа на јасни и одржливи сигнали за побарувачката. Ова е важно за безбедноста на Германија, како и за европската и светската безбедност – рече Столтенберг.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.