На 41-та редовна седница на Совет на општина Куманово на која советниците денес поставуваа прашања до градоначалникот и засегнатите страни, освен пријавените 20 советници кои истапија со по две советнички прашања, претседателот Максим Димитриевски упати прашање за тоа каде е одлуката за пренесување на седниците на локалните телевизии.
На 11 јули 2012 година е донесена одлука за снимање и емитување на седниците на советот, но досега, истата одлука не беше имплементирана. Дали во Буџетот за 2016 година општината ќе издвои парични средства за спроведување на овој договор? – праша Димитриевски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски на прашањето реплицираше дека интересот на јавноста за следење на работата на советниците е голема, и затоа веќе се преговара со телевизиите кои функционираат на ниво на градот и регионот.
Веќе е отворена дебата за емитување на седниците на советот со локалните телевизии. Имплементацијата на оваа одлука не е завршена од причина што некое време имавме две телевизии на албански јазик, но немавме на македонски, освен “КРТ” чии што програмски критериуми не ги задоволуваа потребите на јавноста. Сега со појавата на една локална и една регионална телевизија ќе се потрудиме седниците да се пренесуваат на една од нив, како и да се изнајде решение истата да се емитува и на телевизиите од албанскиот блок – одговори Дамјановски.
Тој додаде дека телевизијата ќе се избере според квалитетот на програмата и според гледаноста, но сето тоа ќе биде ставено на јавна дебата.