Со голем концерт и над 20 музички имиња во недела на градскиот плоштад ќе се одбележат 505 години од формирањето и 80 години од ослободувањето на Куманово.
Како што информираше директорот на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, Марио Арангеловски, концертот нема да трае цел ден, туку ќе започне околу 20 часот и да заврши нешто пред полноќ.
– Сите 20 изведувачи со нивните најголеми хитови ќе ѝ се претстават на кумановската јавност, односно сите љубители на македонската музика. Ова е вистински пример како се поддржува македонската музика и македонските изведувачи. Сметаме дека ваков концепт на концерт не се случил никогаш претходно во Македонија и искрено се надеваме дека и останатите општини во иднина ќе го преземат овој концепт во иднина за да големите финансиски средства за вакви настани да бидат дадени на наши изведувачи, изјави Арангеловски.
Како што појасни директорот, концертот ќе биде поделен во четири блока, а ќе го отворат локалните изведувачи.
По нив ќе настапат Наум Петревски и Миле Кузмановски во блокот фолк изведувачи, а кон крајот ќе настапат поп изведувачите.
– ФИС бенд ќе ги следи апсолутно сите изведувачи кои ќе пеат во живо и еден ди-џеј кој ќе ги следи оние кои настапуваат на матрица, додаде Арангеловски.
Во недела од 20 часот ќе пеат: Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, ИвонаЈо, Наум Петрески, Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски, Шпенд Латифи, ДЏ Боно и Фис бенд.
Огнометот ќе се случи меѓу 21:30 и 22:00 часот.
Во меѓувреме во цел ноември ќе се одржат низа културни и спортски настани со цел одбележување на денот на градот.
– Спортскиот аспект почнува веќе на 8ми ноември. Ќе имаме улична трка и многу спортски манифестации, шах, тенис, пинпонг, кошарка, фудбал и многу други спортски манифестации. Имаме и дополнителни спортски натпревари кои не се вметнати во програмата, бидејќи не можат да се одржат во исто време, па некои ќе бидат и по денот на градот, изјави Алексадар Крстевски, раководител на Секторот за спорт и култура.
Надлежните ги повикуваат сите граѓани на Куманово да присуствуваат и уживаат во богатата понуда на културни и спортски настани од програмата за Ноемвриски денови.
Никола Ивановски