Кумановскиот театар го отвора МТФ „Денови на комедија“ со премиерата „Смрт на погребот“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Кумановскиот театар за првпат ќе го отвори фестивалот „Денови на комедија“ со своја премиера. На 23 септември, со почеток во 20 часот, на сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе биде изведена претставата „Смрт на погребот“, во режија на Ненад Витанов.

 

 

Директорката на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Јоана Сарафимовска, истакна дека станува збор за нова премиера на кумановскиот театар, која годинава ќе има и дополнително значење бидејќи токму со неа ќе биде отворено  фестивалското издание.

– Од министерството за култура годинава имаме 800.000 денари, од Општина Куманово 450.000 денари. Морам да кажам дека оваа година имаме повеќе спонзори и се надевам за следната за 30 години ќе има уште повеќе. Оваа година за прв пат билетите може да се купат и онлајн, потенцираше директорката.

 

 

Режисерот Ненад Витанов вели дека за него претставува особено задоволство што токму со оваа претстава за првпат ќе го отвори фестивалот, откако со години учествувал на „Денови на комедија“ со претстави во продукција на други театри.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Десет пожари во кумановско изминатото деноноќие

„Смрт на погребот“ е црна, односно црна романтична комедија, во која, како што најавува Витанов, публиката ја очекува брза и динамична сценска игра, со голем број актери, атрактивни ситуации и многу хумор.

– Кога фестивалот го отвораш, а фестивалот е како една куќна слава во која доаѓаат многу гости, посебно е задоволството кога имаш да се пофалиш со нешто што е ново во твојот дом, а ново во кумановскиот театар е претставата „Смрт на погребот“, рече Витанов.

 

 

Актерот Жарко Јовановиќ посочи дека претставата е брза и динамична, иако станува збор за обемен текст.

Централна тема е погребот, еден од трите големи моменти во човечкиот живот, а токму во необичните ситуации и неочекуваните појавувања на ликовите се создава комичниот ефект.

„Најважно е дека е комедија на ситуации, затоа што смешното произлегува од многу такви ситуации кои ја прават претставата“, вели Јовановиќ.

 

 

И актерот Марко Трајковиќ очекува претставата да наиде на добар прием кај кумановската публика. Според него, иако погребот како тема не асоцира на хумор, во оваа постановка тој е претворен во низа комични ситуации.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Услови за дожд и пад на температурите

 

 

Актерката Александра Михајловска Величковски ги покани и оние кои не успеале да обезбедат билет за премиерата да ја проследат претставата на некоја од следните изведби, бидејќи веќе се закажани нови датуми.

„Денови на комедија за нас секогаш биле радост и одговорност затоа што сме свесни колку значи фестивалот, не само за нас како институција, туку и за градот“, истакна Михајловска.

 

 

Актерот Никица Јанковски, пак, вели дека насловот може да создаде впечаток дека станува збор за нешто страшно и апсурдно, но преку ликовите и ситуациите публиката ќе добие, како што вели, „страшна комедија“.

За оние кои нема да успеат да ја гледаат премиерата, Јанковски најави дека „Смрт на погребот“ повторно ќе биде изведена на 7 октомври.

 

 

Актерот Горан Илиќ, зборувајќи за значењето на театарот, истакна дека неговото постоење и развој се темелат на континуитетот и на создавањето нови генерации публика.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец почина од западнонилска треска

„Театарот мора да има еден континуитет, не постои од денеска, мора да има една развојна линија, мора да мислиме за тие нови генерации кои ќе се создадат кои ќе гледаат и консумираат театар“, рече Илиќ.

 

 

Во рамки на фестивалот „Денови на комедија“ годинава ќе бидат изведени вкупно 10 претстави, кои ќе се натпреваруваат за фестивалските награди.

Ќе се доделуваат признанија за најдобра претстава, режија, сценографија, костимографија, главна машка и женска улога, споредна машка и женска улога, како и за млад актер.

На фестивалот ќе учествуваат театри од Србија, Косово, Бугарија и Босна и Херцеговина. Претставата од Босна и Херцеговина за првпат гостува на фестивалот, а нејзините претставници за првпат ќе учествуваат на фестивал во Македонија.

Фестивалот ќе биде затворен со кумановската претстава „Не сакам да платам, не можам да платам“.

Одлуката за наградите ќе ја носи тричлено жири, а билетите за претставите се веќе во продажба, при што за дел од нив веќе се распродадени.

Никола Ивановски