Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто вчера за време на неговата посета на Грузија изјави дека Будимпешта го смета предлогот на ЕУ за воведување санкции за грузискиот министер за внатрешни работи и двајца полициски службеници за „бесмислен и неоправдан“ и дека ќе стави вето на иницијативата доколку тоа е неопходно.
На заедничката прес-конференција со грузискиот министер за надворешни работи Мака Бочоришвили, Сијарто рече дека Унгарија и Грузија имаат „патриотски влади против кои либералните медиуми започнаа сериозен идеолошко-политички напад“, пренесува МТИ.
Министерот истакна дека тој бил првиот странски гостин на грузискиот министер по изборите, како претставник на Унгарија, што дошло во време кога двете земји „се борат да го зачуваат својот суверенитет среде актуелните безбедносни предизвици“.
Сијарто и честиташе на владејачката партија во Грузија за неодамнешната изборна победа, велејќи дека електоратот во земјата „јасно ја изразил својата волја“.
Тој ја критикуваше неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Грузија, нарекувајќи ја „понижувачка за целата нација“.