Традиционалниот коњанички марш по повод празникот Илинден повторно се одржува во Куманово, а годинава започна вчера и ќе трае до утре, 2 август.

Во организација на Здружението „Коњаница Букефал“, јавачите и годинава ќе продефилираат низ кумановските населби и села, со цел да се негува и зачува македонската историја, традиција и културно наследство.

Денеска, 1 август, учесниците рано наутро се упатија кон Студена Бара, каде ќе престојуваат во текот на денот.

Во 16 часот маршот продолжува низ Пчиња, покрај Бислимската Клисура, кон селото Орашац, а пристигнувањето во манастирот „Св. Илија“ е предвидено околу 21 часот, каде што ќе ноќеваат.

Кулминацијата на манифестацијата ќе биде утре, 2 август – Илинден, кога коњаницата во 17 часот ќе тргне од манастирот „Св. Илија“ кон Куманово.

Пристигнувањето во центарот на Куманово е предвидено околу 20 часот, додека од 21 до 22 часот главната собирна точка ќе биде кај Спортската сала во Куманово, каде граѓаните ќе можат да ги поздрават учесниците и да бидат дел од одбележувањето на големиот национален празник.









Никола Ивановски

