Што му ветил Лавров на Орбан?

Сподели со своите пријатели

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вети дека ќе гарантира снабдување со енергенси на Унгарија, така што снабдувањето со гас, сурова нафта и нуклеарно гориво од Русија ќе биде непречено, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по денешниот разговор со неговиот руски колега во Њујорк.

Loading...

Сијарто се сретна со Лавров на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, јави МТИ.

Доколку го сторат истото и другите западни политичари, надежта за мир во Украина би била поголема, рече тој, се вели во соопштението на унгарското Министерство за надворешни работи.

Разговорите главно се фокусираа на војната во Украина, а Сијарто рече дека му повторил на рускиот министер за надворешни работи дека Унгарија има свој интерес за брзо завршување на војната.

„Реков дека и ние Унгарците ги губиме нашите животи во оваа војна и затоа бараме итен прекин на огнот и мировни преговори“, рече тој.

Сијарто посочи дека Лавров рекол и дека Русија е подготвена за мировни преговори.

„Очигледно има многу детали за разјаснување. Се надевам дека во одреден момент околностите ќе им стават до знаење на Русија и Украина дека мора да бараат решение на преговарачка маса“, изјави Сијарто.

Тој додаде дека втора тема на разговор била билатералната енергетска соработка.

Loading...

„Лавров рече дека Русија ќе ги исполни своите договорни обврски. Русија ќе го испорача ветеното количество природен гас, сурова нафта и нуклеарно гориво во договорените услови, можеме да бидеме мирни во однос на снабдувањето со енергија за Унгарија“, нагласи Сијарто.