САД убиле 15 борци на Исламската држава во напад во Ирак

Сподели со своите пријатели

Американската војска изврши напад со ирачката армија против џихадистичката група Исламска држава во западен Ирак и уби 15 нејзини борци, соопшти доцна синоќа американската воена команда.

Loading...

„Таа група џихадисти беше вооружена со бројни оружја, гранати и појаси со експлозиви. Нема индикации дека има цивилни жртви“, се додава во соопштението.

Операцијата, спроведена во четвртокот наутро, но објавена во петокот вечерта, „ги таргетираше лидерите на џихадистите со цел да ја попречи и поткопа способноста на групата да подготвува, организира и изведува напади врз цивили во Ирак“, соопшти американската воена команда.

Се додава дека Исламската држава „останува закана за регионот, за американските сојузници и за американската национална територија“.

САД имаат околу 2.500 војници во Ирак и речиси 900 во Сирија, како дел од меѓународната коалиција создадена за борба против Исламската држава.

Иако ирачките власти прогласија победа над Исламската држава на крајот на 2017 година, џихадистичките ќелии продолжуваат спорадично да ги напаѓаат војниците и полицајците, особено во руралните и оддалечените области надвор од поголемите градови.

Ирак на 15 август објави одложување на крајот на мисијата на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од Вашингтон на своја територија, оправдувајќи го одложувањето со „најновите случувања“ во експлозивен регионален контекст.