Американскиот државен секретар Марко Рубио започна кампања насочена кон ослабување и евентуално распуштање на Меѓународниот кривичен суд (МКС), тврдејќи дека трибуналот од Хаг се меша во активностите на американската војска и агенциите за спроведување на законот и со тоа го загрозува суверенитетот на Соединетите Американски Држави.
Во колумна објавена во „Волстрит џурнал“, Рубио предупреди дека американските функционери, членовите на безбедносните служби и политичките лидери би можеле да се соочат со кривично гонење пред меѓународни судии за одлуки донесени во одбрана на земјата, објави денес „Гардијан“.
Според Си-Ен-Ен, Стејт департментот разгледува зголемен притисок врз земјите што ја поддржуваат работата на МКС, вклучително и можноста за санкции, забрани за патување и суспензија на визи за земјите што, според ставот на Вашингтон, не го отфрлаат она што администрацијата го нарекува „нелегитимен авторитет“ на судот.
Сепак, неколку експерти по меѓународно право ги оспорија тврдењата на Рубио, наведувајќи дека МКС нема надлежност за злосторства извршени на американска територија, бидејќи Вашингтон не го ратификувал Римскиот статут, основачкиот документ на судот.
Поранешниот извршен директор на Хјуман рајтс воч, Кенет Рот, оцени дека Рубио погрешно го претставува авторитетот на трибуналот и го игнорира правото на земјите-членки да бараат истраги за злосторства извршени на нивна територија.
МКС, со седиште во Хаг, е одговорен за гонење на најсериозните меѓународни злосторства, вклучувајќи воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, кога се извршени на територијата на држави кои пристапиле кон Римскиот статут или кога таквите случаи се упатуваат од Советот за безбедност на Обединетите нации.
Како што пишува „Гардијан“, прашањето за односот на Вашингтон со МКС повторно се актуелизираше откако судот започна истраги за можни воени злосторства во Палестина и издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно воведе санкции врз главниот обвинител на МКС, Карим Кан, неговите заменици и одредени судии поради истраги поврзани со Израел и активностите на американските сили во Авганистан.
Во текот на 2025 година, санкциите беа проширени на одредени претставници на Обединетите нации и палестински организации за човекови права кои учествуваа во собирањето докази за наводни воени злосторства.
Засега не е јасно како најавената кампања во Вашингтон би можела да влијае врз идната работа на МКС, но правните експерти предупредуваат дека дополнителниот притисок врз Трибуналот би можел да ги ослаби меѓународните механизми за гонење на воени злосторства и други сериозни кршења на меѓународното право, пренесува Танјуг.

