Женските одбојкарски екипи од кумановските средни училишта ги одмерија силите на традиционалниот турнир „Пехар на градоначалникот“, кој се одржа денеска во спортската сала на СОУ „Перо Наков“, по повод празникот 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово.

На турнирот учествуваа две екипи од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, како и по една екипа од ОСТУ „Наце Буѓони“, СОУ „Перо Наков“ и ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“.

Младите одбојкарки преку борбена и фер-плеј игра го покажаа напредокот на женската одбојка во Куманово, а турнирот беше можност за спортско надмудрување, дружење и создавање нови пријателства.

Победничкиот преоден пехар му припадна на еден од тимовите на Гимназијата „Гоце Делчев“, а го додели градоначалникот Максим Димитриевски, кој им честиташе на најуспешните одбојкарки.

Тој истакна дека победата е важна, но уште поважни се достоинствениот настап и спортскиот дух, кои ги красат генерациите кумановски спортисти.

Награди, признанија и пехари добија и екипите што ги освоија второто и третото место.

Турнирот „Пехар на градоначалникот“ е дел од традиционалната спортска програма по повод празникот на градот, а се организира во соработка на Општинскиот сојуз на спортови Куманово и Општинскиот сојуз за училишен спорт.



Никола Ивановски

