Американскиот државен секретар Марко Рубио во врска со американските разговори со Русија изјави дека главната цел на Вашингтон е да провери дали Москва е „сериозна“ во врска со можноста за ставање крај на војната во Украина.
„Сè уште не можам да одговорам на прашањето дали се сериозни за мирот“, изјави американскиот државен секретар на новинарката Кетрин Хериџ во интервјуто емитувано синоќа на социјалната мрежа Х.
Рубио се состана со руска делегација, во која беше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, претходно оваа недела во Саудиска Арабија.
Американскиот дипломат ја отфрли идејата за почеток на разговори со Русија без вклучување на Киев и европските сојузници на Вашингтон.
„Неправедно е да се каже дека не се консултиравме со никого за ова“, рече Марко Рубио, уверувајќи дека разговарал со Украинците „во текот на овој процес“.
„Не е точно дека не сме се консултирале со нашите сојузници во Европа“, додаде Рубио, тврдејќи дека разговарал со „пет министри за надворешни работи“ по, но и пред средбата со Русите.