Полското државно раководство верува дека ризикот од руски провокации на источното крило на НАТО расте, изјави шефот на полската служба за надворешно разузнавање, како што објави германската агенција dpa.
Полковник Павел Шота, директор на полската служба за надворешно разузнавање, изјави за весникот „Жечпосполита“ дека развојот на настаните на бојното поле во Украина предизвикува дополнителна загриженост.
„Го следиме развојот на настаните во Украина и гледаме дека војната во моментов не оди во корист на Русија. Токму затоа постои страв дека Москва би можела дополнително да ја ескалира ситуацијата“, рече Шота.
Според него, едно од можните сценарија е ограничен напад врз балтичките држави со употреба на таканаречените „мали зелени луѓе“, како што беа наречени припадниците на руските сили без воени ознаки кои учествуваа во преземањето на контролата врз Крим во 2014 година.
„Русија систематски ги преминува црвените линии за да го тестира одговорот на НАТО. Цената на ваквите провокации е мала, додека Алијансата најчесто одговара со политички мерки, што поттикнува понатамошна ескалација“, рече Шота.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, минатата недела издаде слично предупредување, велејќи дека Русија би можела да организира таканаречени операции со лажно знаме.
„Мораме да му кажеме на Владимир Путин дека знаеме што планира и дека нема да дозволиме да бидеме вовлечени во таква игра. Тоа би било целосно неприфатливо и ќе го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО“, рече Сикорски во интервју за американската телевизиска станица Си-Би-Ес.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин и други високи функционери во Москва постојано ги отфрлаат тврдењата дека Русија планира напад врз членките на НАТО.
Сепак, разузнавачките служби на неколку земји-членки на Алијансата делат загриженост за можноста за понатамошна ескалација, иако нивните проценки се разликуваат кога станува збор за обемот и временската рамка на можните руски потези.

