Путин пристигна во Казахстан

Сподели со своите пријатели

Рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигна во Астана, главниот град на Казахстан, каде во следните два дена ќе учествува на три мултилатерални самити, пренесува ТАС С.

Loading...

Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), чии 27 земји членки сочинуваат околу 90 отсто од територијата на Азија и речиси половина од светското население, денеска се одржува во Астана, јавува руската агенција.

Планирано е на настанот, покрај претседателите на Русија и Казахстан, да учествуваат и лидерите на Азербејџан, Ирак, Иран, Катар, Киргистан, Палестина, Таџикистан, Турција и Узбекистан.

Виетнам и Кина ќе бидат претставени на ниво на потпретседател.

Претседателот на Белорусија ќе учествува во работата на самитот, бидејќи таа земја има статус на набљудувач.

На овој настан се очекува да присуствуваат вкупно околу 50 делегации.

На 14 октомври главниот град на Казахстан ќе биде домаќин на состанокот на Советот на шефови на држави на ЗНД, како и состанок во формат „Русија – Централна Азија“.

На агендата на Путин во Астана има и билатерални средби, а за денеска е планирана средба и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Loading...

Последен пат рускиот претседател го посети Казахстан во мај 2019 година.

Потоа учествуваше на самитот на Евроазиската економска унија.

Како што изјави за новинарите Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател, Путин на претстојниот самит CICA ќе ги покрене темите за економската соработка во Азија, а рускиот претседател и неговите колеги ќе разговараат и за одржување на мирот и стабилноста на континентот со акцент на формирање на систем на еднаква, заедничка и неделива безбедност заснован на универзално признатите принципи на меѓународното право, наведува ТАС С.

На дневен ред е и хуманитарната соработка.

Се очекува на иницијатива на Русија лидерите да усвојат изјава за безбедност во областа на информатичко-комуникациските технологии.

Турскиот претседател Ердоган потврди дека ќе се сретне со рускиот претседател на маргините на конференцијата CICA во Астана и најави дека на средбата на 13 октомври планира со Путин да разговара за можностите за дипломатско решение на конфликтот во Украина и посредништвото на Анкара во овој процес.

Како што истакна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Турција би можела да предложи организирање дијалог меѓу Москва и западните земји за време на оваа средба, јави ТАС С.

Медиумите претходно објавија дека Анкара наводно презела иницијатива да биде домаќин на разговорите меѓу претставниците на Москва, Берлин, Вашингтон, Лондон и Париз.

Loading...

Сепак, како што соопштија во Кремљ, Русија сѐ уште не добила конкретни предлози за ова прашање по дипломатски канали.