Опозициските социјалдемократи се победници на парламентарните избори во Литванија, покажуваат конечните резултати по вториот круг одржан во неделата.
Врз основа на 100 отсто преброени гласови, социјалдемократите освоија 52 места од вкупно 141 место во парламентот, со што се стави крај на владеењето на Татковинската унија предводена од конзервативната премиерка Ингрид Шимонита, која освои само 28 места.
Социјалдемократите ќе започнат разговори за формирање влада со две помали партии од левиот центар, Демократскиот сојуз и Сојузот на селаните и зелените, кои освоија 14 пратенички места и осум.
Се очекува таа коалиција да контролира најмалку 74 пратенички места.
Резултатите покажуваат дека нова влада може да се формира без популистичката партија Немуно Аушра, која го зазеде третото место со 20 пратенички места.
Нејзиниот водач, Ремигиус Земаитаитис, мораше да поднесе оставка од парламентот претходно оваа година поради антисемитски изјави.
Вилија Блинкевичиуте, која е на чело на Социјалдемократите, им се заблагодари на граѓаните додека ја прославуваше победата со поддржувачите во неделата во Вилнус.
Исходот беше изненадување за владејачките конзервативци, кои по првиот круг заостанаа само две места зад социјалдемократите. Шимоните го призна поразот веднаш по објавувањето на резултатите.
После тоа, министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, најави оставка од функцијата лидер на Татковинската унија и рече дека ја напушта политиката.
Владата во заминување се соочи со критики за строгите мерки што ги усвои за време на пандемијата „Ковид-19“, при што многумина се жалат дека не направила доволно за да им помогне на компаниите за време на заклучувањето. Други рекоа дека илјадници луѓе немаат соодветен пристап до здравствена заштита.
Гласањето во Литванија, која граничи со рускиот регион Калининград на запад и со Белорусија на исток, доаѓа во време кога војната во Украина поттикнува поголеми стравувања за намерите на Москва, особено во стратешки важниот балтички регион.
Аналитичарите велат дека нема да има значителни промени во надворешната политика на Литванија, која како членка на Европската унија и НАТО непоколебливо ја поддржува Украина.