Кошаркарите на Куманово претрпеа пораз во првиот натпревар кој го одиграа оваа година, откако на гостински терен Работнички беше подобар со резултат 77:72.
Првите три четвртини двата тима имаа изедначена игра, иако Куманово има далеку помлад состав од искусниот Работнички.
Пресудни беа последните десет минути на паркетот во кои Работнички влезе со предност од 53:51. Куманово се трудеше, но не успеа да направи пресвртница во резултатот, па во еден момент домаќинот поведе и со 65:55.
Сепак на крајот Куманово успеа да намали на разлика од само два поени, што сепак не беше доволно.
Најдобар во составот на Куманово беше дебитантот Јован Црниќ со 27 поени, а со 11 зад него е Горјан Марковски.
Кај домаќинот со 19 најефикасен беше Николовски, а со четири помалку и Мијатовиќ.
Куманово засега има 19 поени и е на средината на табелата, додека МЗТ е на првото место со 21, колку што има и второпозиционираниот Гостивар.
Следниот меч кумановци го играат дома, со некогашниот најголем ривал МЗТ Скопје Аеродром.