Подарокот од Дрекслмајер во вид на едукативно дидактички средства донесе многу среќа и насмевки на лицата на дечињата од градинката „Детелинка“ во Крива Паланка.
Преку овој свој придонес компанијата има за цел да даде поддршка за подобрено искуствено учење и престој во градинката, но и да го поттикне развојот на младите умови во нашата заедница.
Едукативните и дидактичките средства донирани од Дрекслмајер вклучуваат интерактивни алатки за учење и се дизајнирани да ги подобрат когнитивните вештини кај децата. Тие ќе ја охрабрат нивната креативност, но и ќе го поттикнат личното самоизразување. Користејќи ги овие средства преку работа во група заедно со стручниот кадар од градинката, кај децата ќе се поттикнат вештините за тимска работа, меѓусебна комуникација и социјална интеракција како и вештините за писменост што преставува основа за иден образовен успех.
„Драго ни е што имаме можност да придонесеме за унапредувањето на можностите за учење и развој на дечињата од градинката во Крива Паланка. Ние во Дрекслмајер веруваме во моќта на
образованието да ги трансформира животите на младите луѓе и на заедницата на едно понапредно ниво. Со донацијата на овие едукативно дидактички материјали, се надеваме дека кај децата ќе поттикнеме љубов кон учењето и ќе им помогнеме целосно да го развијат својот потенцијал“, рече Лукас Мирингер, Генерален директор на Дрекслмајер Македонија.
Донацијата на овие едукативно дидактички средства е од особено значење, затоа што дечињата, во оваа рана фаза од нивниот развој ќе имаат пристап до квалитетни образовни ресурси кои значително ќе влијаат на нивниот когнитивен, социјален и емоционален развој во една стимулативна и поддржувачка средина.
„Би сакала да изразам неизмерна благодарност до Дрекслмајер Македонија заради нивната иницијатива за реализација на оваа донација. Среќни сме затоа што компанијата се сети на нашата градинка и донесе многу радост кај дечињата. Едукативните дидактички средства ќе бидат ставени во функција веднаш и верувме дека ќе направат разлика во секојдневниот образвен процес“, рече Олгица Дејановски, директорка на градинката во Крива Паланка.
Компанијата, претходно, за дечињата во градинките во регионите кадешто делува овозможи не само едукативно-дидактички средства, туку и нови масички и столчиња, креветчиња со душеци, перничиња, шкафчиња, целосно реновиран кујнски простор како и новогодишни подароци.