Од политичката партија ЗНАМ реагираат на мерката за субвенциониран оброк во Општина Центар, обвинувајќи го градоначалникот Горан Герасимовски дека предизборното ветување за бесплатни оброци за сите ученици наместо целосно да се реализира, е претворено во значително помала финансиска поддршка.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално целото соопштение:
„Го прашуваме Горан Герасимовски: како од ветувањето кое прво го даде во 2021 година, а потоа рециклирано го повтори на 30 септември 2025 година за бесплатни оброци за сите ученици и заштеда од 2.500 денари во домашниот буџет на родителите, мерката магично се промени во субвенциониран оброк од едвај 1.000 денари, и тоа на трансакциските сметки на родителите?
Наместо целосно бесплатен оброк, како едно од главните предизборни ветувања, кој требаше да значи реална поддршка за секое семејство, големите зборови и ветувања за собирање политички поени кога дојде време за реализација се претворија во обична козметичка мерка. Овој обид за замајување на јавноста е директно потценување на граѓаните и родителите од Центар.
Герасимовски се обидува да ги изманипулира центарци, но тоа останува само на обид. Жителите на Општина Центар многу добро ги препознаваат ваквите политички трикови и јасно знаат на што се“, стои во соопштението.

