Во текот на идната недела, во кумановската Општа Болница ќе биде инсталиран и пуштен во употреба новиот од шесте мамографи набавени за шест јавни здравствени установи на ниво на државата, најави на вчерашната национална конференција на Здружението “Борка”, министерот за здравство, Никола Тодоров.
Како што истакна Тодоров, Министерството за здравство ќе набави нови мамографи и за Гевгелија, Радовиш, Велес и Македонска Каменица.
Претходно, како што појасни Тодоров веќе е спроведена набавка на шест нови дигитални мамографи за потребите на вкупно шест јавни здравствени установи, кои во текот на овие и наредните денови ќе бидат инсталирани и пуштени во употреба.
Со набавката на овие апарати ќе се овозможи мамографскиот скрининг да се изведува на повеќе локации во државата, односно оваа здравствена услуга да биде што е можно подостапна за женската популација, а со тоа да се овозможи и брзо и навремено делување кај пациентките кај кои ќе се забележат одредени промени, вели Тодоров.
Нови мамографи ќе добијат хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и болниците во Кавадарци, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани, а вкупната инвестиција изнесува околу 40 милиони денари.