Во драматична завршница МКК Куманово го совлада Тиквеш

Сподели со своите пријатели

Вистинска кошаркарска драма донесе првиот натпревар од неделната програма на третото коло од Суперлигата. Во салата „Јасмин“ во Кавадарци, МКК Куманово се радуваше на исклучително важна гостинска победа против Тиквеш Голден Игл, и тоа со најмала можна разлика – 76:75.

Гостите од Куманово одиграа одлично во третата четвртина, особено во нападот, каде што успеаја да ја надоместат негативата од првото полувреме и да направат целосен пресврт. Во 29. минута, „сино-белите“ поведоа со 53:49, додека пред последните десет минути имаа минимална предност од 53:50.

Кавадарчани подобро го отворија решавачкиот период. Со серија од 9:4 повторно го презедоа водството (59:57), најавувајќи неизвесна завршница во која предноста постојано се менуваше.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пешак тешко повреден откако „бмв“ удрило во него во липковско

Одлуката за победникот падна во последните две минути. Кога Глигоријевиќ и Смит погодија за водство на Тиквеш Голден Игл од 75:72, на семафорот остануваа само 23 секунди. Сепак, Кумановци не се предадоа. Ѓуроски со две реализирани слободни фрлања ја намали разликата на 74:75, а по грешката на Мирков, Гуден беше сигурен од линијата за слободни фрлања и му донесе водство од 76:75 на гостинскиот состав, на 14 секунди до крајот.

Домашните имаа можност да ја спасат ситуацијата, но обидите на Златев и Глигоријевиќ не завршија успешно, па МКК Куманово можеше да ја прослави вредната победа во Кавадарци.

Во победничкиот состав, Гуден беше најефикасен со 21 поен, Стевановиќ постигна 15, а репрезентативецот Ѓуроски заврши со 14 поени, четири скока и четири асистенции.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ТК Тумба со двојна радост: Стефан Дебрешлиевски и Гала Трајковска кренаа нови трофеи!

Кај Тиквеш Голден Игл, кој по три одиграни кола има една победа и два пораза, Сукс се истакна со 27 поени, осум скока и три асистенции, додека Смит придонесе со 20 поени, четири скока и четири асистенции.

МКК Куманово со карактер и сигурна рака во клучните моменти стигна до триумф што може да има големо значење за продолжението на сезоната во Суперлигата.

КФМ