Новиот германски канцелар, Фридрих Мерц, утрово замина на своето прво патување во странство, во Франција и Полска, објави Ројтерс.
Првата дестинација на патувањето на Мерц ќе биде Париз, каде што ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, со кого веќе има добри односи, како што објавија француските власти.
„Мерц има длабоко познавање на светот на финансиите и економијата, што го доближува до Макрон“, рече еден француски функционер.
Вчера, Макрон напиша на Платформа X дека од двајцата зависи „да се осигурат дека француско-германскиот „мотор“ и заедничкото донесување одлуки се посилни од кога било“.
Мерц подоцна денес ќе ја посети и Полска.
„Би сакал да видам заедничко лидерство во Европа. Германија некако отсуствуваше од тие дискусии во последните години“, изјави извор од полската влада.
Мерц синоќа за германската телевизија ZDF изјави дека ќе разговара и со Макрон и полскиот премиер Доналд Туск за усвојување на построга европска миграциска политика.
Новата коалиција се согласи да ги одбие барателите на азил на копнените граници на Германија, во координација со своите европски соседи.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер официјално го назначи Мерц за нов германски канцелар вчера, откако Мерц беше изгласан за таа позиција во Бундестагот, во вториот круг од гласањето.
За време на церемонијата во претседателската палата, Штајнмаер ги потврди и назначувањата на 17 министри во федералната влада.
Мерц е 10-ти канцелар на Сојузна Република Германија.