Индија нема да го намали бројот на војници долж границата со Кина во текот на зимата, изјави денеска началникот на индиската армија Упендра Двиведи.
Двиведи им рече на новинарите во Њу Делхи дека одлуката за летното распоредување на индиските трупи ќе зависи од тоа како ќе напредуваат разговорите со Кина, објави Ројтерс.
Дваесет индиски и четворица кинески војници беа убиени пред четири години за време на граничните судири долж Хималаите.
Њу Делхи и Пекинг во октомври минатата година постигнаа договор за решавање на четиригодишниот воен конфликт и неколку дена подоцна ги повлекоа војниците од спорната граница.
Индија и Кина делат лошо дефинирана граница долж Хималаите, што е извор на тензии меѓу двете земји со децении, вклучително и кратката војна во 1962 година.
Односите се стабилизираа по дипломатските преговори и низата договори постигнати од 1991 година, а трговските и деловните врски беа подобрени додека не беа нарушени од конфликти во летото 2020 година.