Витезите темплари донираа кревети, душеци и медицинска опрема за кумановската болница (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Витезите темплари на Македонија денеска донираа 40 хидраулични болнички кревети со душеци, наткасни и 19 греалки за Општата болница Куманово, со цел да се подобрат условите за престој и лекување на пациентите.

Донацијата е реализирана со поддршка на нивните соработници од Австрија, амбасадата, локалната самоуправа, здруженија и компании.

 

 

Опремата ќе биде наменета пред сè за одделенијата каде што има најголема потреба од обновување на болничкиот инвентар, меѓу кои интерното одделение, хирургија и неврологија.

– Станува збор за донација од хидраулични кревети и друга медицинска опрема која ќе биде од голема корист пред сè за нашите пациенти, за подобрување на услови на работење на медицинскиот персонал и за подобра грижа и нега на нашите пациенти, изјави директорот на Општата болница Куманово, Сашо Стошевски.

 

 

Тој посочи дека донацијата е резултат на заедничка соработка на повеќе чинители и дека се очекуваат и други донации во иднина.

– Оваа донација за нас пред сè значи, не е само материјална помош. Ќе напоменам, ова е донација каде што пријатели, здруженија и амбасадите заедно со локалната самоуправа се вклучија во помош на болницата и на пациентите. Од големо значење е, пред сè, што ќе го обновиме инвентарот во болницата, пред сè креветите, а особено на интерното одделение, хирургија, неврологија, каде што има најмногу потреба, рече Стошевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започнаа буџетските форуми во Куманово: Граѓаните предлагаат проекти за 2027 година (ВИДЕО)

 

 

На настанот присуствуваше и амбасадорот на Австрија во Република Македонија, Мартин Памер, кој ја истакна соработката меѓу двете земји и улогата на граѓанските организации во обезбедувањето помош.

– Ова е повторно доказ како нашите две земји се пријателски и како општеството, пред сè цивилното општество во Австрија, како витезите темплари, се грижат што се случува во Северна Македонија. Имаме многу соработка не само во областа на здравството и донации за болници, туку и пожарникарството. Тирол, покраината, донираше опрема, возила за пожарникари, значи се доближуваме интензивно да соработуваме и тоа е многу убаво, изјави Памер.

 

 

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, им се заблагодари на иницијаторите и на сите што придонеле донацијата да пристигне во болницата.

Тој посочи дека соработката со Австрија веќе дава резултати во повеќе области, меѓу кои и опремувањето на Територијалната противпожарна единица во Куманово.

– Во оваа прилика сакам да се заблагодарам првично на иницијаторот за реализација на овој проект, а тоа се витезите темплари, коишто денеска се тука заедно со нас, на граѓаните на Австрија, коишто исто така преку нивни средства се купени овие кревети коишто ќе го унапредат квалитетот на сместување во нашата болница и секако сите останати партнери, невладини здруженија и компании коишто помогнаа оваа донација денеска да стигне во нашата болница, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  „Точка до точка“ - Самостојна изложба на уметникот Александар Симоновиќ во Куманово

 

 

Тој додаде дека ваквите иницијативи се значајни за унапредување на условите во здравствените установи.

– Посакувам што помалку пациенти во болницата, но секогаш да бидеме подготвени да им пружиме што подобра здравствена заштита и во подобри услови, со подобар квалитет, истакна градоначалникот.

 

 

Големиот приор на Македонија на Темпларите Витези, Снежана Зечевиќ, соопшти дека донацијата е реализирана со помош на нивните соработници од Австрија и дека ова е прв дел од пошироката хуманитарна соработка.

– Со помош на нашите браќа од Австрија, на Големиот приорат на Австрија, на неговата екселенција Манфред Аугустин, и во мое лично име, како голем приор на Македонија и голем хоспиталиер на редот на светско ниво, ОСМП, односно Премус Милитарис Темпли, направивме оваа хуманитарна организација да донесе засега 40 кревети со душеци, наткасни и 19 греалки за да се подобри квалитетот, изјави Зечевиќ.

 

 

Таа најави дека напролет се очекува продолжување на соработката со нова донација.

– Ова е еден дел од нашата соработка којашто сега во октомври пристигна, напролет се очекува уште поголема, ама ќе зборуваме тогаш, следниот пат кога ќе ја донесеме и другата донација, додаде Зечевиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец осомничен дека силувал дете кое не наполнило 15 години

 

 

Во реализацијата на донацијата учествувал и Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Директорот Александар Крстевски објасни дека опремата првично била наменета за установата, но по разговорите со раководството на болницата било одлучено да се пренасочи таму, поради потребата од обновување на инвентарот.

– Како што знаете и претходната донација што ја имавме со нашите пријатели од Франција, ова е втора донација со нашите пријатели Темплари, благодарејќи на Снежана и професорот Димитар заедно на неколку состаноци, бидејќи нашата релација, ќе кажам, со најдобриот директор на болницата Сашо, заедно и со градоначалникот решивме оваа донација која првенствено беше направена да биде во Домот за стари лица, но согласно нивните потреби и подигнување на квалитетот на Општа болница Куманово, по многу сугестии и иницијатива на директорот да бидат сите донации тука да се обнови модуларната болница, ги доставивме тука, изјави Крстевски.

 

 

Тој упати благодарност до сите вклучени во процесот, посебно до организацијата ДРОМ и Ахмет Јашаровски за поддршката во реализацијата и транспортот на донацијата.

Со оваа донација, Општата болница Куманово добива дополнителна опрема за подобрување на условите за сместување и грижа на пациентите, а најавите за продолжување на соработката отвораат можност за ново обновување на болничкиот инвентар во наредниот период.

Никола Ивановски