„Точка до точка“ – Самостојна изложба на уметникот Александар Симоновиќ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Салонот на Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово, утревечер ( 30.10/26), од 19:30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот уметник Александар Симоновиќ од Куманово, под работен наслов „Точка до точка“. Станува збор за десета по ред јубилејна изложба, на која ќе бидат прикажани цртежи во повеќе ликовни техники, работени во актуелната 2026 година. Она што и дава посебност на продукцијата е вклучување на неговата деветгодишна ќерка Каја, во самиот процес на изработка на делата, со што колекцијата добива интимистички и топол призвук.

Симоновиќ е фасциниран од детската естетика, инфантилна, искрена и чиста, од цртежите на својата деветгодишна ќерка Каја и нивната силна поврзаност. На тој начин цртежот не е само само траен запис на генерациски дијалог, тој станува носител на спомени, значајни животни моменти, еден вид лична реликвија со длабока мемориска вредност, во која се проткаени чувствто на љубов, грижа нежност, страв и восхит.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Витезите темплари донираа кревети, душеци и медицинска опрема за кумановската болница (ВИДЕО)

Материјалите од кои се изработени цртежите, рециклирана хартија, која делува како старина, пергамент или папирус), јаглен и бела креда, колажирани фрагменти, дрвени бои, златни и сребрени ливчиња, само уште повеќе го евоцираат чувството на архаичност, носталгичност и лирска чувствителност.

Куратор на изложбата е Драгана Спасковска, кустос советник историчар на уметноста.

Изложбата за јавноста ќе биде отворена до 10 ноември 2026 година.