Куманово ќе се збратими со четири града од Црна Гора, Србија, БиХ и Казахстан

Сподели со своите пријатели

Советот на Општина Куманово денеска донесе одлука да воспостави збратимени и партнерски односи со четири града и општини од регионот и Азија, со цел унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

Куманово ќе се збратими со Херцег Нови во Црна Гора, Источно Сараево во Босна и Херцеговина, Чајетина во Србија и Караганда во Казахстан.

Со воспоставувањето на партнерските односи се предвидува долгорочна соработка меѓу локалните самоуправи, преку размена на искуства, знаења и добри практики, како и подготовка и реализација на заеднички проекти.

Соработката со четирите градови и општини ќе се развива во областите на локалниот економски развој, инвестициите, културата, образованието, спортот, туризмот и младинските активности, како и во други области од заемен интерес.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во сабота во Куманово ќе се одржи традиционалната трка „Born 2 Run“

Предвидена е размена на делегации, стручни лица и информации, организирање културни манифестации и спортски настани, поврзување на образовните установи, младинските организации и стопанските субјекти, како и заедничко учество во проекти финансирани од домашни и меѓународни фондови.

Посебен акцент ќе биде ставен на поттикнувањето на економската и деловната соработка, промоцијата на локалните потенцијали и создавањето можности за нови партнерства меѓу институциите, организациите и компаниите од Куманово и партнерските градови.

За конкретните активности и начините на реализација на соработката, Општина Куманово и партнерските локални самоуправи ќе можат да склучуваат посебни договори, протоколи и програми.

Во предлог-одлуките е наведено дека средствата за реализација на активностите ќе се обезбедуваат во согласност со законските прописи и расположливите средства од општинскиот буџет, како и од други дозволени извори на финансирање. Самите одлуки не создаваат финансиски обврски за Општина Куманово доколку тие не се посебно предвидени и одобрени согласно закон.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Изгоре викендица во кумановско Кутлибег

Со донесувањето на одлуките ќе се создаде основа за официјализирање и понатамошно развивање на партнерските односи меѓу Куманово и Херцег Нови, Источно Сараево, Чајетина и Караганда.

Никола Ивановски