Немања Миљковиќ си замина од КК Куманово

Сподели со своите пријатели

Српскиот интернационалец Немања Миљковиќ по 10 одиграни натпревари повеќе не е дел од Кошаркарскиот клуб Куманово. На барање на кошаркарот, на полусезоната, договорот бил раскинат спогодбено и Миљковиќ по празниците нема да се врати во Куманово.

 

Loading...

 

Миљковиќ од одиграните натпревари во просек бележи 9,8 поени, 3,6 скока и 1,2 додавања.

– Би сакал да се заблагодарам на клубот и навивачите кои беa со нас. Досега имав најдобра публика во кариерата и во Куманово навистина се чувствував прифатено и како дома. Се надевам дека клубот ќе успее да се избори со сите проблеми, за да се врати на старите патеки. На екипата и стручниот штаб би им посакал среќа во продолжението од сезоната и се надевам дека ќе имаат поддршка од публиката во што поголем број, изјави Миљковиќ за Кумановски Муабети, кој моментално во Виена ги полни своите батерии.

 

 

Со заминувањето на српскиот интернационалец, останува празнина на центарската позиција за која Управата на клубот ќе треба да се погрижи што поскоро со оглед дека треба да започнат тренинзите и подготовките за вториот дел од сезоната и тешкиот натпревар кој на 13. јануари го играат против составот на Работнички.

Според информации од клубот, се водат активни преговори со играчи од македонската кошаркарска сцена.

 

Loading...

Ваквиот потег, како што велат извори од клубот, следува по намалувањето на финансиите од страна на Општина Куманово. Затоа Управата се грижи да ги намали трошоците, а странските кошаркари се поскапи, со оглед дека за нив треба да се покријат и трошоците за престој и храна во Куманово.