Советот на Општина Куманово денеска донесе одлука за зголемување на цените за собирање и изнесување на комунален отпад, со што домаќинствата ќе плаќаат повисоки сметки.
Според примерите што ги презентираше директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Сашо Томиќ, за стан од 50 квадратни метри сметката ќе се зголеми од 266 на 337 денари, односно за 70 денари месечно, додека за дом од 90 квадратни метри ќе порасне од 479 на 606 денари, што е зголемување од 127 денари.
За стан од 120 квадратни метри месечната сметка ќе биде повисока за 191 денар.
Образложувајќи ја одлуката пред советниците, Томиќ истакна дека претпријатието повеќе не може да функционира со ценовникот кој не е променет од 2022 година, додека во меѓувреме значително се зголемиле трошоците за работа.
– Ако кажеме дека поскапувањето е околу 30 проценти, тоа можеби звучи бомбастично во јавноста, но кога ќе се погледнат овие цени и овие зголемувања, не станува збор за некои енормни покачувања. Овие средства ни се неопходни за нормално функционирање и ако не донесеме таква одлука, ќе дојдеме во ситуација да не можеме да плаќаме плати на вработените, изјави Томиќ.

Со новата одлука, цената за изнесување отпад за физички лица во станбен простор ќе изнесува 5,85 денари по квадратен метар, додека за корисниците надвор од градежниот реон ќе биде 3,90 денари по квадратен метар.
За правните лица цената ќе изнесува 16,25 денари по квадратен метар, а предвидени се и нови тарифи за производните субјекти и дворното земјиште.
Томиќ нагласи дека средствата од новите цени нема да бидат доволни за набавка на нова механизација, туку ќе служат за исплата на плати, сервисирање на возилата и покривање на тековните финансиски обврски на претпријатието.
Тој додаде дека просечната старост на возниот парк е 11 години и дека дел од камионите се во употреба повеќе од две децении.
Одлуката беше усвоена со 17 гласа „за“, пет „против“ и тројца „воздржани“.

