Компанијата за управување со гасоводот „Северен тек“ соопшти дека засега не е познато дали е можно да се санираат оштетувањата на гасоводите, пренесоа локалните шведски медиуми.
„Денес е невозможно да се одговори колкава е штетата и дали може да се санира“, изјави Димитри Смирнов, портпарол на компанијата „Северен тек АГ“, пренесе СВТ Нихетер.
Компанијата потврди дека штетата на Северен тек 1 и 2 ќе се испита штом цевките целосно ќе се испразнат, јавува Анадолија.
„Очекуваме да започнеме истрага во недела или понеделник“, рече Смирнов, додавајќи дека може да поминат неколку недели пред да се донесе каков било заклучок.
Шведска: Одговорна е некоја земја
Оператор на поморската служба за безбедност на шведската крајбрежна стража изјави дека постојаното истекување на гас се должи на оштетувањето на цевководите.
Се очекува до недела целиот гас да истече од цевката.
Од понеделникот тече гас од гасоводите Северен тек 1 и 2 во сопственост на Русија.
Истекувањето на делови од гасоводите Северен тек 1 и 2 е многу веројатно резултат на акција на една држава, изјави шведскиот министер за енергетика Кашајар Фарманбар.
„Многу е можно тоа да е направено намерно, не случајно, и малку е веројатно дека тоа го направил некој друг освен држава, без претходно да биде откриено“, изјави Фарманбар на новинарите пред состанокот на министрите на Европската унија во Брисел.
Тој додаде дека на овој инцидент треба да се гледа „од аспект на актуелната безбедносна ситуација во која се наоѓа Европа“, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Шведското обвинителство претходно објави дека Националната служба за безбедност ја презела прелиминарната истрага за оштетувањето на гасоводите „Северен тек 1“ и „2“ во Балтичкото Море.
Русија: Ова е терористички напад на Западот
Во соопштението од обвинителството е потврдено дека истрагата ќе ја води шведската служба за безбедност, бидејќи „можно е да се работи за големо кривично дело, кое барем делумно е насочено против шведските национални интереси, а очигледно е извршено од странска сила“.
Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) има информации кои укажуваат на вмешаност на Западот во „терористичкиот напад“ на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, изјави директорот на таа служба Сергеј Наришкин.
„Веќе имаме некои материјали кои укажуваат на западна трага во организирањето и извршувањето на овој терористички напад“, рече тој, пренесува Тас.
Тој додаде дека, според него, Западот прави се за да ги скрие вистинските извршители и организатори на тој напад.
Досега се идентификувани вкупно четири протекувања во економските зони на Шведска и Данска.
Операторите на „Северен тек 2“ беа известени за губење на притисокот во подводниот гасовод во понеделникот кај островот Борнхолм.
Во вторникот беше утврдено дека цевководите се оштетени, а штетата настанала од подводни експлозии.
Германија не го одобри Северен тек 2
Гасоводот Северен тек 1 се протега на 1.200 километри под површината на Балтичкото Море, од рускиот брег во близина на Санкт Петербург до североисточна Германија.
Отворен е во 2011 година, а максималниот капацитет на гасоводот е 170 милиони кубни метри гас, кој се испраќа од Русија во Германија.
Северен тек 2, исто така во сопственост на Русија, оди паралелно со првиот гасовод.
Изграден е во септември 2021 година, но не беше пуштен во употреба бидејќи Германија не го одобри.
Проектот беше целосно стопиран само неколку дена пред почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.