Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, најави дека ќе побара средба со Основниот јавен обвинител во Куманово и со државниот јавен обвинител поради, како што рече, несоодветното постапување кон лицата кои се откриени како предизвикувачи на пожари.
Според него, информациите што ги добил од СВР Куманово укажуваат дека полицијата во изминатиот период открила поголем број сторители, но против нив не биле преземени соодветни мерки.
– Добив информација од претставниците на СВР Куманово дека досега се откриени голем број на сторители кадешто беше посочено дека истите не се соодветно третирани од страна на Основното јавно обвинителство Куманово и не им е поведена постапка кривична предизвикување на општа опасност, изјави Димитриевски.
Тој смета дека ваквата состојба придонесува за повторување на истиот проблем со години наназад и овозможува дел од сторителите повторно да предизвикуваат пожари.
– Поради оваа појава ќе побарам средба со основниот јавен обвинител и државниот јавен обвинител бидејќи ние како општина се соочуваме со овој проблем веќе со години каде како сторители се јавуваат во континуитет едни исти лица или членови на семејства коишто се веќе познати на органите на прогонот и не се санкционираат и третираат соодветно, рече градоначалникот.
Димитриевски порача дека институциите мора да преземат поодлучни чекори за спречување на ваквите појави и најави дека Општината ќе инсистира на поголема одговорност.
– Не може Општина Куманово да биде заложник на поединци и ќе напраам се да овој феномен се спречи, нагласи тој.
Изјавата на градоначалникот доаѓа во период кога Општина Куманово повторно се соочува со зголемен број пожари на отворен простор, а надлежните институции преземаат дополнителни мерки за превенција и заштита во текот на летниот период.
Никола Ивановски

