Димитриевски: Сите опции се отворени во реконструкцијата на Владата, утре конечна средба (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, најави дека утре ќе се одржи нова средба на коалициските партнери на која треба да биде донесена конечна одлука поврзана со реконструкцијата на Владата.

Според него, досега биле одржани два круга разговори со премиерот Христијан Мицкоски и со работните групи, а комуникацијата меѓу партнерите во владејачката коалиција се одвива во конструктивна атмосфера.

– Разговаравме во два наврати со премиерот и работните групи, утре ќе дојде до нова средба и на таа средба ќе биде донесена конечната одлука. Како и да е, односите помеѓу коалициските партнери се на највисоко ниво и сметам дека многу објективно ги согледуваме состојбите и потребите бидејќи власта треба да се прилагоди кон потребите на општеството и на граѓаните, во спротивно е самовласт, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  22-годишник натепан во Куманово поради недоразбирање во сообраќајот

 

 

Тој нагласи дека целта на коалицијата не е да ја зачува власта по секоја цена, туку да ги коригира евентуалните слабости и да одговори на потребите на граѓаните.

– Ќе се посветиме да бидеме во функција на граѓаните и секогаш сме подготвени да ги бараме сопствените грешки и пропусти, рече Димитриевски.

Неговата изјава доаѓа во период кога во јавноста се интензивираат шпекулациите за можни кадровски промени во извршната власт.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека реконструкцијата ќе биде предмет на разговори со коалициските партнери и дека ќе се анализира работата на Владата и на ресорите во изминатиот период.

Димитриевски посочи дека во моментов не се разговара исклучиво за позициите што ги има ЗНАМ во Владата, туку за функционирањето на целокупниот владин тим.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Запалени бакарни жици предизвикале пожар во Перо Чичо

– Во моментов разговараме само за министерските позиции. Сите опции се отворени бидејќи треба да се слушнат сугестиите на владините партнери, но секако да се разгледаат и сондажите и анализите на граѓаните колку тие се задоволни од реализација на проектите во одредени ресори. Не разговараме само за местата на ЗНАМ, туку разговараме за сите места во Владата и реализација на владината програма во изминатите две години“, истакна тој.

На прашање дали има забелешки за работата на одредени министри и институции, лидерот на ЗНАМ рече дека своите ставови отворено ги соопштува на коалициските состаноци.

– Тоа што го имам како забелешка јас го искажувам на тие координации многу отворено и до премиерот и до владините партнери, изјави Димитриевски.

Сепак, тој оцени дека Владата презела управување со државата во исклучително тешки околности и дека во изминатиот период состојбите се стабилизирале.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пироманите не се казнуваат соодветно. Димитриевски ќе бара средба со обвинителите (ВИДЕО)

– Факт е дека оваа влада дојде во една многу тешка состојба да менаџира со државата, а со една минус ситуација. Сега веќе сме на една позитивна нула и сметам дека процесите одат во позитивна насока, рече Димитриевски.

Воедно додаде дека постои простор за подобрување во повеќе ресори, но дека за тоа е потребна поголема ангажираност и од раководните структури и од администрацијата.

– Секако дека во многу ресори може да се работи многу подобро, но притоа е потребно и самомотивација на луѓето коишто менаџираат, но и самосвест на луѓето коишто се внатре во системот, тргнувајќи од себеси овде во општината па завршувајќи со еве највисоките владини претставници“, порача Димитриевски.

Никола Ивановски